ПТЕУ, ЕКТМ и АДР

ПТЕУ, ЕКТМ и АДР

ЕКТМ (CEMT) претставува постапка за проверка на товарните моторни и приклучни возила согласно Европската конвенција за транспорт на Министрите за транспорт (ЕКМТ-ЦЕМТ), за возила со ЕУРО 3 , ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6 стандард. Возилата кои ги исполнуваат ЕУРО стандардите добиваат сертификат кој понатаму на превозниците им служи за аплицирање за годишни ЕКМТ(ЦЕМТ) дозволи.

Посебно техничко-експлоатациони услови - ПТЕУ

Домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.
Превозот во патниот сообраќај се врши со моторни и приклучни возила што ги исполнуваат условите утврдени со прописите за безбедноста на сообраќајот на патиштата и посебните техничко – експлоатациони услови пропишани за одделните видови на превоз.
Проверка на исполнетоста на посебните – техничко експлоатационите услови на возилата со кои се вршат одделни видови на превоз во патниот сообраќај се врши во Станицата за технички преглед на СН Сообраќаен Центар – Битола, согласно со прописите за безбедност во сообраќајот.

ЕКТМ (CEMT) Сертификат

ЕKМТ/CЕМТ сертификат е мултилатерална дозвола за меѓународен превоз на стоки со која може да се обавуваат неограничен број превози низ земјите членки на CЕМТ и транзит преку нивните територии.
Составен дел на ЕKМТ/CЕМТ дозволата е дневникот кој се користи за транспортни операции, по хронолошки редослед за секое патување на товарено или празно возило и сертификатите кои потврдуваат на која категорија припаѓа возилото. Дневникот може да се користи само за контрола на дозволата.
Одредени ЕKМТ/CЕМТ дозволи може да имаат територијални ограничувања. Територијалните ограничувања важат за териториите на Република Австрија, Република Италија и Република Грција. Дозволите имаат црвен печат со прецртана ознака на земјата во која не можат да се користат.
Право на учество за распределба на ЕKМТ/CЕМТ дозволи имаат правни и физички лица (превозници) регистрирани на територијата на Република Македонија чија претежна дејност е вршење на меѓународен превоз на стоки во траење од најмалку една година, согласно решението за претежна дејност издадено од Државниот завод за статистика. Преглед се извршува на нови возила, како и на возила што веќе се во употреба.
Сертификатот ЕKМТ/CЕМТ мора да го поседуваат сите возила што вршат меѓународен транспорт.

АДР Сертификат

Постапката за преглед и издавање на допументи за возилата за превоз на опасни материи се спроведува согласно со Законот за превоз на опасните материи во патниот и железничкиот сообраќај (Сл. Весник на Р. Македонија 92/2007, 147/2008 и 161/2009) и според меѓународната спогодба за превоз на опасни материи по пат, скратено ADR (European Agreement Concerning the International Carriage of Dangerous Goods by Road).

За возилата за превоз на опасни материи од видот EX/II, EX/III, FL, OX, AT и MEMU, според горенаведениот закон, е предвидено по првичниот позитивен преглед да се издаде Уверение за испитано возило како и Сертификат за одобрение за возило кое превезува соодветни опасни материи.

За останатите возила (возила кои превезуваат пакувани опасни материи, освен експлозивни), кои не припаѓаат на горенаведените видови, според Законот за превозот на опасните материи и ADR-от не се предвидени посебни сертификати. Таквите возила истотака треба да исполнуваат определени барања според ADR во поглед на нивната опременост. На барање на сопственикот или соодветна институција за таквите возила може да се издаде уверение за испитано возило.

ADR меѓународната спогодба ги уредува условите и начинот на вршење на превоз на опасните материи во внатрешниот и меѓународниот патен и железнички сообраќај, условите кои треба да ги исполнуваат амбалажата и превозните средства, должностите на лицата кои учествуваат во превозот на опасните материи, назначување на советник за безбедност, оспособување на лицата кои учествуваат во превозот на опасните материи, надлежностите на државните органи и надзор над спроведувањето на прописите.

СН Центар, е овластено правно лице за вршење на преглед за издавање на сертификат за подготвеност за транспорт на опасни материи според ADR спогодбата.

Потребни документи за отпочнување на постапката се следниве:

  • сообраќајна дозвола за возилото со важечки технички преглед,
  • постоечко уверение и сертфикат за АДР транспорт (доколку постои),
  • потврда за извршено периодично испитување на садот (доколку се работи за возило со сад)
  • Решение АДР
  • Уверение АДР

Дали сакате да ги користите нашите услуги?